Миливоје Јанковски и Венера Крлиу-Ханџиски добитници на наградата „Мајка Тереза“

Од:

Миливоје Јанковски и доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски се годинашни добитници на државната награда „Мајка Тереза“ за 2017 која им беше врачена денеска во Собранието на Република Македонија.

Наградата се доделува за особено значајни остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Миливоје Јанковски, пензиониран работник од фабриката „Треска“, наградата ја доби за својата волонтерска работа во Црвениот крст на Република Македнија, но бил и доброволен дарител крв и учествувал во организирање за унапредување и масовно проширување на крводарителството во земјата. Јанковски дарувал крв 186 пати. Ги има добиено највисоките признанија „Медал за заслуги за Македонија“ од претседателот на РМ и „Посебна благодарница“ од Медицинскиот институт за трансфузиологија. Во 1990 година во СФРЈ го добил признанието „Велико срце“ со што се вброил во категорија на десетте најхумани Југословени. Добитник е и на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, како и на благодарница и статуетка „Мајка Тереза“. Бил ангажиран и во бегалската криза во Косово и во БиХ. Учествувал и во најразлични хуманитарни акции во Романија, земјотресот во Еврменија, поплавите во Србија, во околината на Скопје и други хуманитарни мисии.

– Денеска го чествуваме денот на Мајка Тереза, ден посветен на нејзиното раѓање и државата се погрижи да го одбележи овој ден со признание за хуманите дела што ги постигнуваат граѓаните на Република Македонија. Особено задоволство и чест ми падна мене да ја добијам оваа награда за 2017, плод на долгогодишна работа во куќата на хуманоста – Црвениот крст на РМ, изјави Јанковски.

Доцент д-р Венера Крлиу – Ханџиски има дванаесетгодишно искуство како главен оперативен директор на Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) и заменик-претседател на Одборот на директори на Универзитетот. Во февруари 2017 година е избрана за проректор за настава, а од 2006 година таа го предава предметот „Организациско однесување“ на прв циклус студии на Факултетот за деловна економија и организациски науки при УАКС. Во 2011 и во 2012 година ја доби Националната награда за најдобри општествено одговорни практики. Во 2012 година беше избрана за бизнис-лидер на годината од страна на Европската бизнис-асоцијација во Македонија, а во 2015 година, според магазинот „Капитал“, беше избрана за една од најуспешните жени во Македонија. Таа никогаш не ги занемарува потребите на најслабите, најранливите групи во општеството, оние луѓе на кои им е навистина потребна помош, нега и грижа. Доказ за тоа, како што сде наведува во нејзината биографија, е постојаната работа во областа на хуманоста и општествената одговорност.

– Наградата лично за мене како и за Универзитетот Американ Колеџ Скопје има многу големи значење. Ова е само еден поттик и мотивација понатаму да продолжиме со нашите хуманитарни активности и да помагаме на сите загрозени семејства. Од многу мала се залагам да им помогнам на сите оние на кои им е потребна помош и се надевам дека така ќе продолжам и во иднина, рече Крлиу Ханџиски.

„За едно добро на земјата се радуваат и ангелите на небото“ оваа позната реченица на Мајка Тереза на свеченото врачување на наградите ја потенцираше Марко Китевски, претседател на Одборот за доделување на наградата, кој зборуваше за личноста и делото на скопјанката Мајка Тереза, родена на 26 август 1910 година. Минатата година на 4 септември папата Франциско ја прогласи за светица оддавајќи и почест на калуѓерката која се грижеше за болните и сиромашните во светот и израсна во симбол на Католичката црква. Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште