Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција рече дека родителите на трите бебиња кои починаа на клиниката за гинекологија се гневни и бараат одговорност и дека тие имаат право на тоа.
– Министерот за здравство и директорката на гинекологија одлучија да го сокријат скандалот и објавија за трагедијата дури откако за истата почна да се говори во јавноста. Два дена откако се случила. Сите се загрижени што се случува на гинекологија и зошто овие информации се кријат од јавноста. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека СДС со брутална партизација на институциите и со поставувањето на некомпетентни партиски кадри државата ја турка во хаос. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека именувањето на Викторија Јовановска за директор на Гинекологија само поради тоа што била блиска другарка на сопругата на Зоран Заев, Зорица Заева ќе има сериозни последици, рече Андоновска.
Таа додаде дека родителите на починатите дечиња во изјави за медиуми рекле дека имало и други случаи на клиниката, но дека немаат информации од министерството за здравство и запраша зошто овие информации се кријат од јавноста и каде е транспарентноста која се најавуваше.
– Скандалот мора да биде испитан до крај. Не смее да се прикрива ништо! Одговорност мора да има и ќе има! Залудно Таравари и директорката Јовановска се кријат од јавноста. Јавноста е гневна бидејќи гледа дека приоритет за министерот Таравари е да се промовира себе си по социјални мрежи, наместо да се грижи за функционирањето на здравствениот систем. Граѓаните се преплашени, загрижени, стравуваат за своите животи и за животите на своите деца. Не смее да стана пракса на владата на Заев, да умираат луѓе а тие да молчејќи и криејќи се да бегаат од одговорност, рече Андоновска.
Таа запраша уште колку животи треба да згаснат за да прекине хаосот и безредието кое што е создадено во македонскиот здравствен систем и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ предупреди, но дека за Заев, Таравари, Милошев и Јовановска, човечкиот живот не претставувал ништо.
– Здравството е во хаос и ако кај одговорните во овој ресор има грам морал и доблест, ќе си поднесат оставка и ќе си заминат од ова професија. Поради целосната негрижа, Заев и СДС на претстојните локални избори на 15-ти октомври ќе бидат казнети од граѓаните и делигитимирани од политичката јавност, рече Андоновска.
