Претседателот на Советот на јавните обвинители, Петар Аневски соопшти дека денешаната седница на која што требаше да се определи в.д. јавен обвинител е одложена за 29. август поради непостоењето на кворум.
Тој додаде дека в.д. јавен обвинител ќе биде избран од редот на постојните јавни обвинители.
Аневски кажа дека во изборот не влегуваат обвинителката Гордана Гешковска од скопското јавно обвинителство, ниту обвинителот Јован Илиевски, кој е избран за судија во судот во Стразбур.
Во моментот. Зврлевски, кого Собранието на 17. овој месец го разреши од должноста, го менува обвинителката Лилјана Спасевска.
Владата на Република Македонија на завчерашната седница му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител.
Согласно член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник”.
Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.
Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.
Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.