Здружението на новинарите на Македонија соопшти дека ја поздравува одлуката на Владата трајно да ги укине владините реклами во сите медиуми со што ќе се прекине коруптивната врска меѓу власта и медиумите.
– Укинувањето на рекламите ќе ги ослободи медиумите од финансиската зависност од Владата, која во изминатиот период стана еден од најголемите огласувачи во медиумите. Со тоа, таа ги претвори медиумите во пропагандна машинерија и спречуваше било каква јавна критика. Веруваме дека без владини реклами ќе се воспостави нормален медиумски пазар, кој ќе обезбеди поголема финансиска и професионална слобода на медиумите. Иднината на медиумите треба единствено да зависи од подобрувањето на квалитетот на новинарската содржина, со што ќе се врати довербата на граѓаните и огласувачите, наведуваат од ЗНМ.
Во однос на најавите дека во иднина целата комуникација со граѓаните ќе оди преку јавниот радиодифузен сервис, ЗНМ смета дека Владата треба да биде транспарента кон сите медиуми, а не само кон МРТ.
– Обврска на Владата е да ги прави достапни сите информации од јавен карактер, а од МРТ и приватните медиуми зависи на кој начин тие ќе бидат презентирани. Уредувачка независност на медиумите треба да биде почитувана, истакнуваат од ЗНМ.