Во Берово се одржува обука за јакнење на капацитетите на институциите за имплементација на Националната стратегија за Роми 2014-2020 година и Локалниот акциски план за периодот 2017-2020 година.
Фирдеска Зекирова од Ромскиот информативен центар од Берово истакна дека обуката е во насока на зајакнување на капацитетите за стратешко планирање, партиципативно буџетирање, генерирање фондови и монитиринг и евалуација на Локалната акциска група за имплементација на Локалните акциски планови за инклузија на Ромите во општина Берово.
– По одобрување на Акциските планови за периодот 2017-2020 година од Советот на општина Берово за инклузија на Ромите во општина Берово, одржуваме тридневна обука во Берово за да добиеме информации за начинот и пристапот до фондови за имплементација на акциските планови и учеството на локалната власт во нивна имплементација, истакна Зекирова.
Македониja, како што рече, се обврза да спроведува посветена политика во однос на интегрирање на специфичните мерки за Ромите во главните општествено–економски политики, планирањето на националниот буџет и испорака на јавните услуги со цел подобрување на статусот на Ромската заедница, при што Владата ја усвои новата Национална Стратегија за Роми 2014-2020.
Таа нагласи дека според Националната стратегија за Роми 2014-2020, локалните координативни тела се дел од единиците на локалната самоуправа, каде што Ромите живеат во значителен број, меѓу кои се општините Тетово, Гостивар, Прилеп, Битола, Куманово, Делчево, Берово, Виница, Кочани и Штип.
– Во Локалното координативно тело (ЛКТ) членуваат седум стручни и компетентни членови кои се назначени од страна на следниве институции: Центар за социјална работа, Агенција за вработување, образовни институции, Здравствен дом, НВО сектор, како и од Ромски информативен центар од Берово. Надлежности на ЛКТ е да дизајнира и имплементира процеси на стратешко планирање, да подготвува релевантни стратегии и акциски планови, стратешко управување, да подготвува релевантни годишни оперативни планови, да обезбедува средства од локални, национални и меѓународни извори и донатори, да лобира и да ги застапува интересите на релевантните корисници, актери и фактори во рамки на социјалната инклузија на Ромите, потенцираше Зекирова.
Зекирова додаде дека за потребите за зајакнување на капацитетот на локалните координативни тела, почнале со имплементација на проектот „Ромска акција + граѓански ангажман на локалната заедница“, поддржан од Регионалниот совет за соработка – Сараево. Проектот ќе се спроведува во 12 општини во Македонија: Чаир, Шуто Оризари, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Штип, Куманово, Делчево, Виница, Кочани и Берово, во период од седум месеци.