Ирачката Влада треба да направи повеќе во давањето помош на илјадниците жени и девојчиња, што биле изложени на силувања, сексуални напади и други насилства од борци на Исламска држава (ИД), се наведува во извештај на Агенцијата за правата на човекот на ОН и мисијата на ОН во Ирак, што денеска доби јавност преку светските агенции.
Во документот се упатуваат препораки за тоа како да се подобри делењето правда, да се зголеми одговорноста за извршителите и да се исплаќаат обештетувања на жртвите. Покрај тоа што извештајот констатира извесни успеси во оваа сфера, во него се посочува дека казнената политика на судовите во Ирак „во голем степен не успева“ адекватно да ги заштити настраданите жени и девојчиња, кои биле цел на сексуално и друго насилство.
Ирачките власти треба да избегнуваат да се вклучуваат во регилирањето на актите за раѓање на децата и информациите за таткото на новороденото, бидејќи тоа може да доведе до дискриминација или насилство врз потомците на борците од ИД, се наведува во извештајот на ОН.
Во извештајот се подвлекува дека објект на сексуално насилство биле главно претставници на религиозните и етнички малцинства во Ирак.
Посебно внимание се посветува врз заедницата на Јазидите, чии членови беа грабнувани, насилно исламизирани, поробувани или принудувани да се борат во редовите на џихадистите.
„Жените и мажите Јазиди и другите малцински заедници биле особено ранливи заради прекршувањата на нивните човекови права и прекршувањата на меѓународното хуманитарно право, пишува во извештајот“. Во него се забележува дека ИД имала грабнато над 6.800 Јазиди, а околу 3.000 од нив веројатно се уште се заробени.