Собранието треба да гласа за разрешување на Зврлевски

Од:

Собранието на Република Македонија денеска треба да одржи продолженија на три седници меѓу кои и на шестата седница на која се очекува да се гласа за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски откако вчера заврши расправата по оваа точка.

Според најавата на интернет-страницата на Собранието, пратениците прво ќе заседаваат по преостанатите точки од осмата седница на која на дневен ред е Предлог-одлуката за именување на функцијата заменици на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија.

Меѓу точките на оваа седница се и повеќе предлог-закони поднесени од пратеници од опозицијата за измени и дополнувања на на Кривичниот законик, на Законот за извршување, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за јавното обвинителство, дополнувањата на Законот за исплата на платите во Република Македонија, како и Предлог на Закон за докторска дејност, сите во прво читање. Дел од дневниот ред на оваа седница се и годишните извештаи за работата на повеќе агенции, како и Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Македонија за 2016 година.

Во рамки на шестата седница треба да се гласа за разрешување на државниот јавен обвинител Зврлевски откако вчера заврши расправата по оваа точка. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на вчерашното продолжение на оваа седница го презентираше мислењето на Антикорупциската комисија според кое по распишување на изборите постои законска пречка за разрешување на државниот јавен обвинител, по што најави дека нивните пратеници ќе ја напушат работата на седницата по оваа точка бидејќи ја сметаат за незаконска.

Претседателот на Собранието Талат Џафери му реплицираше дека тој не побарал мислење од Комисијата за борба против корупција и оти таа неовластено се обратила до Собранието со што го прекршила Уставот и законот, односно Деловник. Според него, Собранието е највисок законодавен орган во РМ, а Антикорупциската комисија како орган кој е избран од ова Собрание не може да биде контролор на Собранието. По ова тој ја продолжи седницата и откако констатира дека е исцрпена листата на говорници ја заврши расправата по оваа точка и ја прекина седницата.

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед, стои, меѓу другото, во предлог-текстот.

На дневен ред на 6. седница се над 30 точки, меѓу кои Годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика, финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2017 година, предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2017 година, предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2017 година.

Извештајот за работата на Агенцијата за администрација е единствена преостаната точка на петтата собраниска седница, чие продолжение исто така треба да се одржи денеска.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште