Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за медиумите дадена пред Специјалното јавно обвинителство рече дека СЈО од ден на ден, со своето, како што рече, незаконско работење докажувало дека се обичен политички инструмент во рацете на Заев и СДСМ, кој требало да им помогне да се пресметаат со и да ги замолчат противниците и неистомислениците. Како што кажа Костовски, за да ја остварат својата цел, тие се заканувале по институции и игнорирале закони за што ќе одговарале кога ќе се вратела правната држава, а СДСМ ќе заминела од власт.
– Наместо да го работат тоа за кое што беа формирани и да ги гонат криминалците кои го рушеа безбедносниот систем, односно злосторничкото здружение обединето во предметот „Пуч“ кое незаконски прислушуваше телефонски разговори и ги монтираше и препродаваше, тие го направија спротивното. Го амнестираа Верушевски и Заев и сега се обидуваат да издејствуваат незаконска и ирационална одлука за да го озаконат нивниот криминал преку признавање и институционална употреба на монтираните, незаконски прислушувани материјали. Ако СЈО работеше согласно законот и ако применуваа барем „П“ од правото, уште првиот ден од нивното работење согласно доказите за „Пуч“, Заев и Верушевски, ќе требаше да одговараат, рече Костовски.
Тој додаде дека со амнестијата и легализацијата на криминалите на Заев, СЈО уште еднаш потврдиле дека е под контрола на СДСМ чија единствена цел била да се конструираат и монтираат случаи против раководството на ВМРО-ДПМНЕ, поради политичко оцрнување во јавноста.
– СЈО со континуираниот политички притисок врз судовите, со барањето за одземање пасоши на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, има една и единствена цел, а тоа е создавање димна завеса и тотален дефокус од антидржавните политики кои ги спроведува СДС во изминатиот период. Дефокус од донесување на штетниот Закон за двојазична Македонија, пренасочување на јавноста од неспособноста и некадарноста на новата влада во справување на пожарите и огнените стихии кои ја доведоа Македонија на работ на еколошка катастарофа. СЈО како политичка алатка на СДС има цел политичка дискредитација на ВМРО-ДПМНЕ, надевајќи се дека на СДС и Зоран Заев ќе му овозможи подобра стартна позиција пред претстојните локалните избори, рече Костовски.
Според него, СЈО веќе биле прочитани од граѓаните и немале кредибилитет, а ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека оние кои работеле спротивно на законите за исполнување на политички нарачки, требало да бидат свесни дека ваквите противзаконски дејствија ќе биле ревидирани и санкционирани веднаш по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.
– Многу бргу ќе дојде до воспоставување на правната држава и функционирање на институциите. Сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. За криминалите и антидржавните дејствија мора да има соодветни санкции. Ваквиот антидржавен начин на владеење, јавноста го препознава и СДС поради водење на ваквите штетни политики, ќе биде поразен на наредните локални избори, заврши Костовски.