Истражната комисија за Сирија собрала доволно докази сирискиот претседател Башар Ал Асад да се осуди за воени злосторства, изјави членката на Комисијата, Карла дел Понте.
– Уверена сум дека има доволно докази. Затоа ситуацијата е толку фрустрирачка. Подготвителната работа е завршена. И покрај тоа нема обвинител и суд, изјави Дел Понте во интервју за швајцарскиот весник „Зонтагс Цајтунг“.
Дел Понте минатата недела најави дека ќе се повлече од таа должност, бидејќи како што рече, Советот за безбедност на ОН не е подготвен да формира посебен суд за воени злосторства извршени во Сирија.
Таа меѓутоа не наведе кога ќе се повлеќе од должноста.
– Шест години Комисијата спроведуваше истрага. Сега обвинител би требало да ја продолжи нашата работа и да ги изведе воените злосторници пред специјален суд. Но Русија тоа го блокира со вето во СБ на ОН, нагласи Дел Понте.
На прашањето која страна во конфликтот Комисијата најмногу ја истражувала, Дел Понтре одговори: „сите“.
– Сите извршиле воени злосторства. Според тоа ги истражувавме сите, додаде таа.