Во ликовната галерија ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп вечер ќе биде отворена изложба на дела од Анета Ивановска Симјановска.
Делата, според организаторот на изложбата, изобилуваат со драматика, динамичност и импулсивност преточени во специфичен ликовен ракопис што влијае врз емотивниот сензибилитет кај гледачот будејќи ги рационалните сомнежи и претпоставки. Носат поплава од сензибилни асоцијации што дејствуваат мошне силно создавајќи патокази кон основната идеја. Пулсираат со див ритам и енергија, одушевуваат со бесконечни креативни замисли исполнети со многубројни детали на величенствената нефигуративност.
Анета Ивановска Симјановска родена во Скопје 1976 година. Завршила средно уметничко училиште ДСУЛД „Лазар Личеноски”, а дипломирала на Факултетот за Ликовни уметности во Скопје во класа на професор Танас Луловски – сликарство со конзервација и реставрација. Член е на ДЛУМ од 2002 и на ДЛУБ од 2010 година. Учесник на повеќе групни изложби и ликовни колонии. Живее и работи во Скопје.