Граѓаните забележуваат на брзината на достава на поштенските пратки. Главно ги користат брзата пошта и експрес доставата на новите оператори, покажува истражувањето за задоволството на корисниците на услугите на поштенските оператори за 2012 година, што го презентира Агенцијата за пошти.
Поштенски услуги најчесто се користат во националниот сообраќај, главно за писма, подароци и честитки, кои граѓаните се изјасниле дека очекуваат во период од најмногу три дена да бидат стигнати до посакуваната адреса.
Од вкупно 800 анкетрирани корисници на поштенски услуги, 28 отсто се изјасниле дека не се задоволни од брзината на доставата, а 37 отсто дале неутрален одговор.
Истртажувањето покажало и дека писмата сè помалку се испраќаат преку пошта, поради користењето на другите комуникациски средства.
– Граѓаните не се доволно информирани за нивните права за рекламации, односно за квалитетот што законски им се гарантира. Во тој дел е забележан мал број рекламации и тоа поле треба да се искористи за унапредување на правата на корисниците – рече директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасовски на денешната јавна седница.
Македонскиот поштенски пазар веќе четврта година по ред бележи пораст во однос на вкупниот број доставени поштенски пратки. Лани е забележан обем од 75 милиони пратки, што претставува пораст од околу 17 проценти во однос на претходната година. Моментно просечниот број на поштенски пратки е 36 по глава на жител.