Загребскиот пијано квинтет на „Охридско лето“

Од:

Програмата на годинешното 57. издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со понудата од музичкиот дел, со концерт на Загребскиот пијано квинтет што ќе се одржи вечерва од 20:30 часот во „Света Софија“.

Уметниците Алина Губајдулина на виолина, Хрвое Филипс на виола, Никола Јовановиќ, на виолончело, Илин-Диме Димовски на контрабас и Федерико Ловато на пијано ќе изведуваат избрани дела за квинтет на Јозеф Лабор и на Херман Гец.

Виолинистката Алина Губајдулина е родена во Молдавија, а од 1998 година живее во Хрватска. Таа завршува музичко училиште во Сплит и дипломира на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Л. Сороков. Губајдулина е добитничка на повеќе награди и признанија, а како солист настапува со Загрепската филхармонија, со оркестарот на операта во Сплит, со Сплитскиот и со Хрватскиот камерен оркестар. Соработува со бројни ансамбли и оркестри во Хрватска и надвор од неа и настапува на значајни меѓународни фестивали.

Хрвое Филипс дипломира и магистрира во класата на Анте Живковиќ на Музичката академија во Загреб. Од 1997 година е соло-виолист на Хрватскиот национален театар во Загреб, а настапува и со ансамблите Загрепски солисти и Загрепски квартет. Од 2004 година е соло-виолист на Симфонискиот оркестар на Хрватската РТВ.

Виолончелистот Никола Јовановиќ е роден во Белград каде го започнува музичкото образование и се запишува на Музичката академија. По успешниот приемен испит, студиите ги продолжува на Високата школа за музика во германскиот град Детмолд во класата на познатата челистка Ксенија Јанковиќ каде и дипломира, а во 2015 година го завршува и третиот и најсложениот степен на студии за концертен солист за кој добива највисоки оценки и почести. Во текот на школувањето и студиите тој е добитник на бројни награди и признанија, како и на стипендии кои му овозможуваат да се усовршува со некои од најпознатите солисти во светот како Гернигас, Гутман, Диндо и многу други. Во 2010 година станува член на Минхенската филхармонија која преку двегодишната стипендија му овозможува да соработува со некои од најпознатите светски диригенти. Истата година станува член на клавирското трио „Пескатори“ со кое концертира низ Европа. Во 2012 година е финалист и добитник на трета награда на Штраусовиот натпревар во Минхен, а истата година станува заменик-водач на групата виолончела на Симфонискиот оркестар на градот Бамберг. Тој е член на симфонискиот оркестар „Но бордрс“.

Илин – Диме Димовски е контрабасист во Загрепската филхармонија, а настапува и со оркестарот „Моцарт“ од Болоња и Хрватскиот камерен оркестар. Како гостин контрабасист често настапува со оркестри во Италија. Студира контрабас на престижната школа за музика „Гилхол“ во Лондон, а магистрира со оценки cum laude на Конзерваториумот во Трст. Како камерен музичар Димовски настапува со пијанистите Алесандро Бичи и Хироми Араи, со камерниот оркестар „Сан Марко“ и со гудачкиот квинтет „Сапада“. Како солист и како оркестарски музичар настапува на меѓународни фестивали во Хрватска, Македонија, Холандија, Велика Британија, Норвешка и Италија.

Федерико Ловато е роден во 1976 година, студирал пијано и дипломирал на Конзерваториумот во Венеција, а на истиот конзерваториум се здобива и со диплома за виолончело. Тој е добитник на бројни награди на национални и интернационални натпревари (Таранто, Алберга, Венеција, Пјаченца, Трст, Сибиу), а потоа започнува неговата кариера како концертен пијанист со настапи во Италија, Франција, Словенија, Хрватска, Полска и Германија. Како солист настапува со повеќе оркестри меѓу кои Симфонискиот оркестар на ХРТ, Камерниот оркестар на Падова и Венето, оркестарот на театарот „Ла Фениче“ во Венеција, Државната филхармонија во Сибиу, Загрепската филхармонија и др. Како камерен музичар настапува во дуо со неговиот брат кој е виолинист, но и со хорнистот Г. Пеларин со кој го формира ансамблот „Оптер“, а работи и со оркестарот „Екс Ново“. Оваа година ќе настапи на две турнеи низ Италија, но и во Германија, Шведска и Јапонија. Со Г. Пеларин снима це-де со француски репертоар посветен на хорна и пијано издадено за „Аудите“.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма