Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за медиумите кажа дека владата на СДСМ и министерот Таравари влегувале од скандал во скандал. Според него, хаосот кој што го создавале бил огромен и одел директно на штета на интересите на пациентите.
– Неспособниот СДС не запира со масакрот врз здравството. По назначувањето на докажаните митаџии за директори на скопските клиники, како Јане Нетковски за кого имаше кривична пријава за мито за директор на Клиниката за уво, нос и грло, и Дејан Докиќ кој има судска пресуда за мито за директор во Клиниката за пулмологија, СДС го постави и осудениот криминелец Иван Барбов за директор на Клиниката за неврологија, изјави Костовски.
Како што кажа тој, јавноста го паметела Барбов како дел од осудените во судскиот случај „Метастаза“. Костовски додаде дека според инфорамациите кои тогаш ги објавија медиумите Барбов и останатите наплаќале од 1.500 до 4.000 евра за барател, со цел нелегално издавање на инвалидски пензии, групата на Барбов за двете години додека дејствувале заработиле 165.000 евра и го оштетиле Фондот за здравство за 53.000 евра.
– Барбов од страна на судот е осуден за виновен, со што му е изречена сказна, условна осуда во времетраење од две години, значи констатирана е вина и одговорност кај овој човек кој сега Заев ни го нуди за директор на клиника. Ова е претерано! Ова е врвно непочитување на народот и навреда на интелигенцијата на граѓаните. Со назначувањето на докажани митаџии и криминалци за директори на клиники и медицински установи им се праќа јасен сигнал на граѓаните, дека ако сакаат одредена здравствена услуга за тоа ќе треба да платат мито кај митаџиите на СДС, рече Костовски.
Тој запраша дали е ова начинот на кој што СДСМ сака да функционира здравството во Македонија и дали е ова животот кој Заев го ветуваше?
– Граѓаните се фрапирани од кадровските решенија на Таравари и Заев. Кадровските решенија на СДС не се професионални, туку партиски. Таравари очигледно е решенза директори на клиниките да поставува лица кои ја поминала познатата школа на Заев – „евро за црквата, евро за Вицето“, рече Костовски.
Тој кажа дека граѓаните биле во шок и неверување од начинот на кој СДСМ го третирале македонското здравство. Како што кажа Костовски, СДСМ ја понижила медицинската професија во Република Македонија и ги деградирале сите лекари кои чесно и одговорно си ја вршеле својата работа и должност, со назначување на митаџии за нивни директори.
– Заради ваквата неодговорност и неспособност СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните, заврши Костовски.
