Повеќе стотици пожарникари и натаму се борат со огнените стихии во регионот на Балканот.
Во Хрватска пожарите на подрачјето на Кистање, кои пламнаа во вторникот се уште не се локализирани, ниту изгаснати. Таму на терен моментно се наоѓаат 300 пожарникари од цела Хрватска со 37 возила, како и 50 припадници на војската, кои гаснат три пожара.
Хина јави дека огнената стихија зафатила две илјади хектари земјиште, а во гаснењето повремено учествуваат и авиони „канадери“.
Во Националниот парк „Крка“ повеќе никаде не се гледа отворен пламен, изјави директорот на оваа јавна установа Крешимир Шакиќ. Тој додаде дека пожарот, кој од вторникот беснееше на тоа подрачје зафатил околу 200 хектари површина од Националниот парк.
Ширењето на пожарот, рече тој, е спречено благодарение на брзата интервенција и координираната акција на сите служби
Во реонот на босанаксиот град Требиње пожарникарите дежураат и го контролираат пожарот околу селото Сливница, а во Херцеговина имаше неколку помали пожари, кои успешно се изгаснати.
Портпаролот на Цивилната заштита на Репулика Српска, Жељко Стојановиќ изјави дека пожар избил на депонија за отпад во Братунац и додаде дека тој бара подолго гаснење и комунални акции.
Пожари се уште горат и на планината Динара над населбите Чапразље и Доњи Рујани и на подрачјето на општина Босанско Грахово на планината Старетина на границата со општината Гламоч, кои поради исклучително непристапниот и миниран терен, можно е да се гаснат единствено од воздух, јави ФЕНА.
Вчера попладне пожар изби и на грчкиот остров Лезбос, кој пожарникарите тешко го гаснеа поради силниот ветар, јави АНА-МПА.
Пожарот се прошири во три насоки, а во неговото гаснење учествуваа два канадера, а на помош беа повикани екипи од Атина и Солун.