Фестивалот „Охридско лето“ како најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација во земјата за празникот 2 Август – Илинден нуди богата програма со повеќе содржини.
Музичкиот дел предвидува два концерти во катедралната црква „Света Софија“, на т.н. „Шведска вечер“ со настапот на двете сопранистки Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ во пијано придружба на нашата уметничка Марија Вршкова, како и концертот на српската пијанистка Сандра Јакоповиќ.
Близначките Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ се колоратурни сопрани кои публиката ги памети како „чудо од деца“ од времето кога на само 9-годишна возраст на телевизија го исполниле дуетот од Моцартовата „Волшебна флејта“. Студиите ги завршуваат на Музичката академија во Белград и на Академијата „Луиџи Керубини“ во Фиренца. Често настапуваат заедно на европските сцени пеејќи на повеќе јазици. Нивниот богат концертен и оперски репертоар содржи дела од Белини, Шопен, Доницети, Моцарт и Верди, како и дела од нордиски и други композитори. Нивните изведби се високо оценети од критиката, особено нивната брилијантна интерпретација, музикалност и извонреден висок регистар. Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ настапуваат во Белград, Врашава, Фиренца, Рим, Стокхолм и во други градови низ Европа. Настапиле пред шведското кралско семејство – кралот Карл Густав и кралицата Силвија.
На програмата на нивниот концерт предвиден за од 20:30 часот е музика од кралското семејство Бернадот.
Сцената на црквата „Света Софија“ од 22 часот е резервирана за концертот на српската пијанистка Сандра Јакоповиќ. Таа е родена во 1989 година на Кипар, а започнува да свири пијано на 5- -годишна возраст. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Белград во класата на проф. Дејан Стошиќ. Освојува бројни награди и признанија, од кои едно од најзначајните е „Гран При“ на натпреварот во Женева кога имала само 10 години. Во периодот од 2008 до 2010 година редовно се усовршува кај проф. Ѓорѓе Милојковиќ во Женева, а посетува и мајсторски курсеви во Виена и кај еминентни професори како Пјотр Жуковски, Маурицио Морети, Арбо Валдма и Мартин Хјуз. Од 2014 година е запишана на постдипломски студии на Универзитетот „Школа Канторум“ во Париз. Остварува настапи во салата „Илија М. Коларац“, во големата сала на замокот Лаудон во Виена и др., а остварува снимки за РТС.
На програмата се избрани дела за пијано на Бетовен и Шопен.
Празничната програма на „Охридско лето“ за вечерва предвидува и проекција на документарно-играниот филм „Бисер“ посветен на охридскиот бисер, тајната на неговата изработка и чии се грла краси тој препознатлив охридски бренд.
Филмот е во продукција на „Браќа Кумев“, а е финансиран од семејствата Филеви и Талеви кои го имаат рецептот за изработка на охридскиот бисер и го пренесуваат на своите потомци.
– Приказната за настанувањето на охридскиот бисер е многу интересна. Иако сите ние сме слушале разни верзии за настанувањето на охридскиот бисер, вистинската верзија ја дознав од Михајло Филев пред две години. Оттаму дојде и идејата за реализација на ваков проект. Сакав таа тајна што веќе 90 години се провлекува меѓу охриѓани да ја споделам со публиката и да режирам нешто што ќе им остане на поколенијата, вели режисерот на филмот, Никола Кумев.
Документарно-играниот филм „Бисер“ го обработува периодот од 1924 до 1930 година кога рускиот емигрант, белогардеецот Јован Субанович, им ја пренел тајната на правењето оригинален бисер на предците на семејствата Филеви и Талеви.
Во играниот филм учествуваат актерите Владо Јовановски, Љупчо Тодоровски –Упа, Стрезо Стаматовски и други.
Проекцијата ќе се одржи во кино-салата на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 20 часот.