Музичката програма на 57. „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на Варшавскиот хармоникашки квинтет, како дел од веќе традиционалната фестивалска „Полска вечер“.
Виолинистките Марија Маховска-Залах и Јустина Баран, Марек Чех (виола), Александра Охар-Справка (виолончело) и Клаудиуш Баран (хармоника и бандонеон) на сцената на катедралната црква „Света Софија“ ќе ги изведат делата „Багатели“ на „Дворжак, „Свита“ на Швидер, како и атрактивни мелодии и танга на Пјацола.
Веќе неколку години наназад „Охридско лето“ заедно со Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид организираат „Полска вечер“ во рамки на фестивалската програма, со настапи и концерти на реномирани уметници и музичари од Полска.
Во фестивалската историја ќе остане запишан концертот со еден од најславните композитори на денешницата – Кшиштоф Пендерецки кој подоцна беше прогласен за музички настан на годината за 2013.