Полските власти и порачаа на Европската комисија дека не е надлежна да покренува постапка против Полска поради реформите во правосудството.
Ваквата реакција на официјална Варшава уследи откако вчера Европската комисија соопшти дека започнала прекршочна постапка против Полска, поради еден од законите за реформа на судскиот систем. Еврокомисијата и даде рок на Полска од еден месец за да одговори на оваа постапка, која може да резултира со финансиски санкции за земјата.
Реагирајќи на одлуката на Брисел, шефот на Кабинетот на полскиот претседател Анджеј Дуда, Кжиштоф Шчерски оцени дека Европската комисија „тргнала по пат кој не води никаде, обидувајќи се да докаже дека е надлежна за прашања за кои не е“.
– Секој следен чекор ќе значи дека трошоците на Комисијата ќе бидат се поголеми и таа во еден момент ќе биде приморана да отстапи, доаде Шчерски
Мерката на Брисел уследи откако во петокот во Службениот весник на Полска беше објавен Законот за судовите, што Парламентот го усвои на 12 јули, а Дуда го одбри на 25 јули, со кој на министерот за правда му се дава овластување да назначува и разрешува претседатели на основните судови.
Парламентот усвои уште два закони за реформи во правосудството – за Врховниот суд и за Националниот судски совет, но Дуда стави вето на овие законски текстови, кои беа оценети како контроверзни, предизвикувајќи бран протести во Полска и критики од страна на меѓународната заедница.