Европската комисија отвори денеска прекршочна постапка против Полска поради еден од законите за реформа на судскиот систем.
„Европската комисија отвора прекршочна постапка против Полска преку официјално писмо за известување по објавувањето на 28 јули во полскиот Службен весник на Законот за организацијата на општите судови”, се вели во соопштението на комисијата.
ЕК на Полска и дава рок од еден месец за да одговори на оваа постапка, која може да доведе до финансиски санкции.
На 25 јули, претседателот на Полска Анджеј Дуда го потпиша, усвоениот на 12 јули од парламентот, закон кој му дава на министерот за правда овластувања да назначи и разреши претседателите на општите судови. Текстот на законот вчера беше објавен во Службен весник.
Дуда сепак стави вето на два други контроверзни закони за судските реформи – законот за Врховниот суд и за Националниот совет на магистратурата – кои предизвикаа бран протести во Полска и иницираа критики од страна на меѓународната заедница.