Исламските верски лидери во Ерусалим денеска ги повикаа верниците утре да се вратат на редовната петочна молитва во џамијата Ал Акса, откако израелските власти рано утринава ги остранија и последните безбедносни контроли, што беа поставени во близина од светите места во Ерусалим, пти предизвикаа силен револт меѓу Палестинците.
Верските водачи вчера повикаа муслиманските верници да ја бојкотираат џамијата и да се молат по улиците околу светата локација во источен Ерусалим, не согласувајќи се да бидат конролирани со безбедносната електронска опрема, пред да влезат на молитва.
Израелците прво поставија детектори за откривање метал на главните приоди кон ерусалимскиот Рид на Храмот, кој е подеднакво свето места, како за евреите, така и за муслиманите, но по острата реакција на Палестинците кои ги обвинија израелските власти дека ги спречуваат да одат на молитва, детекторите беа повлечени и заменети со специјални камери опремени со сензори.
Палестинците се спротивставија и на тоа решение, па револтирани почнаа демонстративно да се молат надвор од џамијата и светата локација.
Одлуката да се повлечат сите безбедносни мерки, доаѓа пред утрешниот ден за молитви кај муслиманите и најавените масовни протести на кои повикаа Ал Фатах и екстрамистичката група Хамас.
Специјални безбедносни мерки беа воведени откако израелски Арапи убија двајца полицајци кај Ридот на Храмот.
Во насилствата што избија потоа, според палестински извори, биле убиени четворица Палестинци, а тројца Евреи, жители на една од населбите на Западниот Брег, беа избодени со нож во знак на одмазда.