Европската комисија соопшти дека е подготвена да преземе чекори за да ги заштити интересите на Европска унија, во случај истите да бидат засегнати од новите американски санкции кон Русија и ако биде загрозена европската енергетска безбедност.
– Ако нашите стравување не бидат земени во предвид, ние сме подготвени да преземеме соодветни дејствија. Американскиот предлог закон може да има ненамерен ефект, кој ќе ги засегне интересите на ЕУ во областа на енергетската безбедност. Америка на прво место не може да посочува дека интересите на Европа се на последно место, изјави претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.
Тој додаде дека во зависност од примената на санкициите на САД кон Русија, можно е тие да ги засегнат инфраструктурите, по кои се транспортираат енергетските ресурси во Европа.
Претходно, Франција и Германија реагираа на новите санкции на САД кон Русија.
Француското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека новите санкции за Иран, за Русија и за Северна Кореја, најверојатно се во спротивност на меѓународните закони поради нивниот екстратериторијален опфат.
Во соопштението на француското МНР исто така се наведува и дека француските и европските закони треба да бидат адаптирани и оти е неопходно да се организираат дискусии на ниво на Европска унија за потенцијалното влијание на еврпоските граѓани и компании.
Германија предупреди дека би било неприфатливо САД да ги користат евентуалните санкции кон Русија како средство за индустриска политика и апелираше за соработка меѓу Вашингтон и Европа во координирање на продолжените санкции.
Германското МНР наведе дека санкциите на САД не мора нужно да бидат усвоени, како и дека не може да се прифати праксата, санкциите да се користат како превез за спроведување на индустриска политика.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес синоќа со големо мнозинство го усвои предлог закон за воведување дополнителни санкции кон Русија, Иран и Северна Кореја.
Со новите санкции предвидено е санкции за сите компании, вклучително и европските, кои придонесуваат за развој, за поддршка, за модернизација или за ремонт на гасоводите преку кои се дистрибуираат енергенсите од Русија.