Новиот регионален директор во Светска банка за земјите од Западен Балкан Линда Ван Гелдер престојува во Република Македонија од 25 до 28-ми овој месец.
Како што соопшти канцеларијата на Светска банка во Скопје за време на нејзината посета ќе се сретне со претставници на Владата и останатите чинители во земјата со цел да се запознае со приоритетите на Владата и предизвиците со кои се соочува земјата.
Таа, исто така, ќе разговара за областите поврзани со сегашната и идна поддршка од Светска банка, со фокус на финансиски услуги и анализи кои може да бидат поддржани во текот на следните две години.
Ван Гелдер е назначена за нов регионален директор за земјите од Западен Балкан од 1 јули 2017 година и ќе го води дијалогот за политики со шесте земји од Западен Балкан, со цел поддршка на реформските приоритети и напори за нивно пристапување кон Европската Унија. Таа доаѓа на местото на Елен Голдстин која беше регионален директор од 2013 година.
Пред стапување на оваа позиција, Ван Гелдер беше директор на одделот за стратегија и проекти за одржлив раст, финансии и институции, во чија надлежност се глобалните практики на Светска банка за макроекономија и фискален менаџмент, финансии и пазари, трговија и конкурентност, сиромаштија и еднаквост, и управување.
Тековната програма на Светска банка во земјата вклучува активно портфолио кое се состои од седум инвестициски проекти, во износ од 348,9 милиони долари. Поддршката на Светска банка се фокусира на областа на патната инфраструктура вклучително безбедноста на патиштата и отпорноста на климатски промени, општински услуги, социјална заштита, образование, вештини и иновации и конкурентност во туризмот.