Кинеските инвестиции во инфраструктурата на Западен Балкан ја поттикнуваат ионака раширената корупција во регионот, се наведува во најновата анализа на Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ (EUISS).
Таквото тврдење Институтот го поткрепува со податоци дека досегашните кинески инвестиции во патишта и железница од 5,5 милијарди евра дошле во Македонија, БиХ, Црна Гора и Србија така што „кинески компании добивале договори директно од владите, а не преку тендери“.
Анализите на Институтот со седиште во Париз ги следат ЕК и други тела на Европската унија.
Западнобалканските држави, како што и се укажува, „често морале да донесуваат посебни закони за кинески проекти за да ги задоволат барањата на Пекинг да се договорат директно со владите. Тоа создава нејасни празнини и исклучоци во законите и одлага усогласување на регионот со правилата и стандардите на ЕУ“.
Во прилог на тврдењето ЕУИСС посебно го нагласува случајот на кинеската инвестиција во автопатот Кичево – Охрид и оценува дека тука е утврдена загуба за македонскиот буџет од 155 милиони евра и „откриен скандал во кој се вмешани петмина политичари од претходната влада меѓу кои и поранешниот премиер“.
– Има многу наводи ширум регионот дека договори со кинески компании се со незаконски плаќања, наведува Институтот. – Немањето увид во целокупната постапка на склучување договори и набавка го засилува таквиот впечаток.
А, како исход, Кина го зацврстува начинот на воидење на бизнисот зад затворени врати, уништува реформи на влади во регионот и придонесува за создавање „бели слонови“ на Западен Балкан односно големи проекти прескапи за економиите на државите, а исплативи за приватни инвеститори.
Во анализата се додава дека притоа се ограничени за јавен увид и извештаите за бизнисите и оттаму е можно „државно мешање за проекти наместо оцена за изводливост…И кога скандал ќе избие на виделина, како во Македонија, сите детали за проекти финансирани од Кина доаѓаат до јавноста“.
Институтот нагласува дека „сето тоа засилува веќе постоечки размери на корупција во регионот“.
Кинеската компанија која добила договори за работа во Македонија е Синохидро, „една од многуте на црниот список на Светска банка“, напоменува Институтот и додава дека „примерот со Македонија укажува на кинескиот модел на инвестиции во инфраструктурата на Западен Балкан и можно е да се сврти внимание за слични проекти кои во иднина може да се појавата во држави каде почнуваат кинески проекти“.