Проекти од областа на туризмот и комуналната инфраструктура ќе добијат финансиска поддршка од виничката локална самоуправа, одлучија советниците на Општина Виница на вонредна седница.
Откако пред пет дена стартуваа работите за регулација на коритото на Виничка Река во должина од 440 метри, како проект кој општина Виница го реализира преку Источен Плански Регион и кој треба да се заврши во рок од три месеци, денеска советниците донесоа одлука за финансиска подршка од општина Виница за реализација и на втора фаза од Проектот за регулација на речното корито на Виничка Река, односно за комплетирање на коритото од мостот кај Бојаџиски Бунар до Горна Чешма.
Ако во првата фаза финансиската конструкција изнесуваше 5 милиони денари, од кои 1 милион се учество на Општината, во оваа втора фаза ќе бидат обезбедени дополнителни 2.400.000 денари со учество на општина Виница од 800.000 денари.
На денешната вонредна Седница, советниците ја прифатија и одлуката за финансиски придонес од општина Виница за реализација на потпроектот “Подобрување на туристичкиот потенцијал преку подобра заштита и одржливо користење на културното наследство“.
Станува збор за изградба на Павиљјон на плоштадот “Ангел Винички“ со вкупна бруто површина од 158 м2 и висина од 11,05 м. Павилјонот е предвиден да биде повеќенаменски, односно да служи како отворен павилјон за посетителите на плоштадот “Ангел Винички“, но и како отворена летна бина за оджување различни манифестации во градот.
Во оваа инвестиција која е проектирана на 8.200 000 денари општина Виница е подготвена да обезбеди 818.000 денари, а останатите средства да бидат обезбедени во вид на подгрант од Проектот за локална и регионална конкурентност.