Српскиот премиер Ивица Дачиќ денеска изјави дека Србија мора итно да испрати емисари во земјите кои се уште не го признале Косово, а посебно во големите исламски држави.
Дачиќ во интервју за ТВ Прва истакна дека независно Косово неодамна го призна и Пакистан, а доколку тоа го направи и Египет, Србија може да има тешки последици.
– Не знам дали сме свесни дека сме во загубена ситуација, Пакистан ја призна независноста на Косово, дали некој кај нас се занимава со државите кои се уште не ја признале независноста?, запраша српскиот премиер.
Тој нагласи дела мора да се посвети внимание и на тоа дека, како на пример, и Фиџи која е мала земја ја има признато независноста на Косово само затоа што претставници на приштинските власти оделе таму и лобирале.
Дачиќ додаде дека претставниците на Србија, за разлика од косовските, мислат дека е доволно само да се појават и да ги објаснат случувањата „од косовската битка до денес“.
– Од тоа нема ништо. Или ќе водиме реална политика или политика на која местото и е во литературата, истакна српскиот премиер.