Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) покрена дисциплинска постапка против македонскиот шампион Вардар поради пропустите и инцидентите за време на натпреварот од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите против Малме на стадионот „Младост“ во Струмица одигран во вторникот.
Делегатот на овој натпревар во записникот ја нагласил лошата организацијата. Тој ги забележал фрлањето тврди предмети од страна на вардаровите навивачи, навредливото скандирање, вознемирување на службени лица од поголема група навивачи и употреба на пиротехнички средства.
Исто така се нагласува и блокирањето на скалите со гледачи на централната трибина.
Одлуката околу извесната казната на Вардар ќе биде донесена на 28 јули.
Вардар го доби натпреварот со 3:1 и со вкупни 4:2 се пласира во следната рунда. Гостите од Шведска имаа низа забелешки за организацијата на средбата и за однесувањето на навивачите на Вардар.