Владата да донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка од 10.000 денари за декар лубеници што ќе се однесува на сите производители на лубеници во државата и тие годинава да бидат ослободени од закупнина на државно земјоделско земјиште и од надоместокот за наводнување, бара ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече денеска на прес-конференција Ванчо Костадиновски, одлуката за дополнителна финансиска поддршка треба да биде донесена веднаш и според површина, а не според предадени лубеници зашто откуп или количини за откупување нема, но и веднаш да почне исплатата на средствата.
– Сметаме дека само со овие мерки ќе бидат покриени загубите на производителите на лубеници и само така овие земјоделци и следната година ќе продолжат со производство, истакна Костадиновски, обвинувајќи ги Владата и Министерството за земјоделство за крајно, како што нагласи, несериозниот и понижувачки однос кон производителите.
Според него, лицемерниот и понижувачки однос на СДСМ продолжува, а врв на безобразлукот бил вчерашниот ден.
– Вчера на земјоделците кои протестираа пред Министерството, им било пренесено дека МЗШВ ќе помогне за откупот со испраќање дури два камиона во ситуација кога веќе речиси и нема што да се откупува бидејќи лубениците скапаа по нивите или се откупија за само два денара. Загрижувачко е ова однесување на министерот за земјоделство, загрижувачки е потценувачкиот однос на Владата кон земјоделците, посочи Костадиновски.
Во ситуација, додаде, кога откупот на лубениците е десеткратно намален за разлика од лани, кога лубениците скапуваат по нивите оти нема кој да ги откупи, Владата одлучува да даде поддршка по килограм. – Вториот понижувачки момент е тоа што на Николовски и Владата воопшто не им е грижа што и тие мали откупени количини на лубеници се откупуваат за понижувачка цена од два денара која споредбено со лани кога откупот беше по 7 и 8 денари е четири пати помала, укажа Костадиновски.
Земјоделците што лани заработиле 4.000 евра, година, потенцира, ќе заработат само 1.000 или четири пати помалку.