Припадници на Армијата на Република Македонија доброволно даруваа крв во рамки на акцијата, што денеска ја спроведува АРМ во соработка со Црвениот крст на Република Македонија и Институтот за трансфузиска медицина на РМ.
Акцијата се одржа во Домот на АРМ и е дел од планираните активности за одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија.
На акцијата присуствуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити и директорот на Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија, Емилија Велкова.
Во рамки на акцијата им беа врачени благодарници и признанија на припадници на АРМ кои се доброволни дарители на крв повеќе од 25 и 50 пати. Крводарители со над 25 дарувања крв се: постар водник прва класа Марјан Христов, постар водник Горанчо Димитров, професионален војник Слаѓан Крстевски, професионален војник Зоран Величковски и цивилно лице Надица Мирчевска.
Крводарител со над 50 пати дарување крв е полковник Борко Симоски. Tој 64 пати дарувал крв.
Симоски истакна дека вистинската хуманост е онаа хуманост која излегува од длабочината на срцето на секој човек. Посочи дека капката подадена крв за секој човек без оглед на пол, раса, религија, боја претставува уште поголема вредност и дава епитет на хуманоста дека е совршена хуманост.
– Моето чувство дека сум дал повеќе од 30 литри крв е чувство со кое се гордеам. Мислам дека сите крводарители кои давале повеќе пати крв знаат дека тоа не е едноставно, но во секој случај е добро за организмот и за оние на кои им е потребна таа капка крв, додаде Симоски, кој рече дека има крвна група нулта позитив и дарува крв од 1980 година.
Портпаролот на АРМ, Тони Јаневски рече дека најмалку 250 припадници денеска ќе даруваат крв во рамки на акцијата.
– Со Црвениот крст годинава имаме организирано 18 акции и имавме собрано повеќе од 768 крвни единици, не сметајќи ги денешните, додаде Јаневски.
Глигор Новачевски, одговорно лице за крводарителство во Црвениот крст на Република Македонија, истакна дека во 2009 година бил потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за одбрана и Црвениот крст на Република Македонија, а во 2014 година Меморандум меѓу двете институции и Институтот за трансфузиона медицина. – На годишно ниво меѓу 2.500 и 3.000 крвни единици се собираат само од припадниците на АРМ, додаде Новачевски.