Со двочасовен протест и блокада со трактори на улицата пред општинската зграда во Тетово повеќе земјоделци од овој регион го изразија револтот од немањето соодветна локација за продавање на своите земјоделски производи.
Тие години наназад сезонското овошје и зеленчук го продаваат на улици, тротоари и други јавни површини соочувајќи се со казни од страна на полицијата.
– Ние од ова егзистираме, а казните се поголеми од тоа што заработуваме. Бараме Општината конечно да ни изнајде соодветна локација каде ќе можеме слободно да го продаваме својот производ, рече земјоделец од тетовско Џепчиште.
Неколку земјоделци за време на одржувањето на протестот беа примени од шефот на кабинетот на градоначалникот. Таа им ветила дека ќе се разгледаат повеќе опции, односно локации каде што ќе можат да ги продаваат земјоделските производи и проблемот ќе биде решен за многу кратко време.
Земјоделците по завршувањето на протестот и блокадата најавија и понатаму дека на ваков начин ќе го изразат револтот ако Општината не го исполни ова ветување.