Регионално здружување и меѓусебна соработка се важни за имплементација на договорените стратешки економски проекти кои ќе го приближат Западниот Балкан кон европскиот пазар, смета претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска која се обрати на конференцијата „Берлинскиот процес 2017: Имплементација на економски реформи и соработка со Западен Балкан посветена на заклучоците од 4. Самит на земјите од Западен Балкан во Трст.
– Ги поздравуваме договорените проекти од Самитот во Трст за патната инфраструктура и енергетиката како и поддршката кон пристапот на финансии за малите и средни претпријатија кои се чекор напред кон економски развој на регионот. Поддршката на приватниот сектор и олеснување на нивниот пат кон пристап на финансии за нивен развој, унапредување на патната инфраструктура, развој на ИКТ секторот и придонесот кон образованието во согласност со европските потреби на пазарот на трудот претставуваат заеднички приоритети кои ние стопанските комори како претставници на бизнис заедницата од регионот треба силно да ги поддржиме и зеднички да работиме преку сопствените инструменти за нивно унапредување, изјави Арсовска.
Таа додаде дека по Самитот во Трст заклучок е дека од особена важност е приватниот сектор активно да учествува во креирање на условите за водење на бизнис, во процесот на хармонизација со европското законодавство и во креирање иновативни начини за унапредување инвестициската соработка.
Арсовска оствари средби и со бизнис асоцијации од Фриули Италија на кои истакна дека ССК активно соработува со надлежните институции преку кои секторски придонесува во спроведувањето на структурните реформи неопходни за подобрување на инвестициската клима, регионалната економска интеграција, како и приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ.