Европската комисија денеска соопшти дека ќе отвори казнена постапка против Унгарија заради законот за невладини организации (НПО).
Унгарскиот закон ги задолжува организациите што добиваат средства од странство над 24. 000 евра годишно, да наведат дека се „поддржани од странство“.
Невладините организации кои на Владата нема да и ги кажат деталите за начинот на добивање на средствата, подлежат на казни.
Комисијата коментира дека ова законодавство не соодветствува со правилата во ЕУ, па затоа на Будимпешта и дава едномесечен рок на одговор. Според ЕК, спорниот закон е во спротивност со правото на собирање, со слободата на движење на капиталот и веројатно не обезбедува заштита на личниот живот.
ЕК забележува дека во април ја предупредила Будимпешта за своите стравувања за законот, како и дека Советот на Европа, исто така, изразил сомненија за неговата дозволивост.
Комисијата забележува дека доколку се покаже за неопходно таа Унгарија ќе ја изведе пред Судот на ЕУ.