Во „Куќата на уметноста“ во кичевското село Кнежино денеска почна 24. Интернационална кичевска ликовна колонија на која до 22 јули ќе творат 24 уметници од 15 земји од три континенти – Европа, Азија и Африка. Тие ќе работат во повеќе сликарски техники.
Од Македонија годинава ќе учествуваат познатите сликари Жарко Јакимовски, Васил Ташкоски, Емил Шулајкоски и Лулзиме Османи, како и вајарот Слободан Милошески, соопшти Горан Донески, координатор на ликовната колонија.
На годинашната колонија се очекува да бидат изработени 60 дела, од кои повеќето уметнички слики и неколку скулптури. Новосоздадените дела јавноста ќе може да ги види на изложби што ќе бидат организирани во повеќе градови во земјава.