Со сликање на мотиви од Кочанска Река и старата архитектурата на градот, во Кочани денеска почна шестата по ред младинска ликовна колонија „Свети Пантелејмон“ која ќе трае до 11 јули. На колонијата, која постои од 2012 година и чиј организатор е општина Кочани, ќе учествуваат 12 млади уметници од Кочани, Скопје, Вевчани, Кратово и Штип на возраст од 14 до 18 години.
– Ликовната колонија „Св. Пантелејмон“ ќе трае пет дена со исполнета програма со активности, дружење, ликовна едукација и образовно – ликовно доусоврашување. Воедно, во петдевното престојување во градот на оризот ќе биде презентирана богатата културата во Кочанскиот регион, старата кочанска архитектира, како и природните богатства на езерото Градче и планинските предели на Пониква на Осоговските Планини, изјави Александра Димитрова ликовен педагог и раководител на колонијата.
За време на реализација на колонијата кочанската публика ќе има можност секој ден од 21 часот да ги посети учесниците покрај кејот, т.е. западно крило на НУЦК „Бели мугри” Кочани и да присуствува на создавањето на ликовните дела.
Делата од ликовната колонија „Свети Пантелејмон“ ќе бидат изложени на заедничка изложба на 11 јули спроти празникот на градот во Изложбениот салон на центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.