Рускиот претседател Владимир Путин ги повика денеска лидерите на ЕУ да им дадат на руските граѓани безвизен режим со аргументот дека таа привилегија ја користат голем број држави, кои се доста оддалечени од Унијата.
– Располагам со многу долг список на земјите, кои имаат безвизен режим со ЕУ, им порача Путин на претседателот на ЕУ Херман Ван Ромпуј и претседателот на ЕК Жозе Мануел Баросо, споменувајќи ја Венецуела, Хондурас и Мексико.
Според Путин, недостигот на безвизни патувања претставува пречка за развојот на економските односи.
Ван Ромпуј од своја страна го повика Путин да ги гарантира демократските права на руските граѓани во согласност со меѓународните ангажмани.
– Ние презедовме заеднички ангажмани, како членови на Советот на Европа и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, рече Ван Ромпуј.
– Како партнери ние ќе дискутираме како се исполнуваат тие ангажмани, за да бидат загарантирани демократските права на нашите граѓани, додаде тој.