Изготвување долгорочна стратегија за постигнување стапка на економски раст меѓу пет и седум отсто во наредните 10 години, воспоставување договор меѓу јавниот и приватниот сектор за регулирање на односите со Владата и другите државни органи, консултирање на бизнис заедницата при донесување и и менување на правната регулатива, владеење на правото, загарантирана приватна сопственост, поголем пристап до финансирање на компаниите и подобрување на ликвидноста, лојална конкуренција, унапредување на образованието и продуктивноста на работната сила, се само дел од предлозите што ги изнесе денеска Стопанската комора на Македонија пред економскиот владин тим предводен од премиерот Зоран Заев.
На работната средба во Комората, компаниите побараа што поскоро спроведување попис на населението, а со тоа, како што рекоа, и попис на сите економски релевантни показатели како единствена појдовна основа за планирање, проектирање и преземање конкретни реформски чекори во економијата.
Премиерот Заев, пак, побара силна поддршка и соработка од бизнис секторот за заедничко креирање на политиките.
– Имаме амбициозни и добро мотивирани министри, економските ресори во Владата функционираат беспрекорно, голема е желбата да бидеме сервис на бизнисот и на граѓаните, истакна Заев.
Добредојдени се, потенцира, сите критики, предлози и сугестии до власта во насока на што подобра, развиена и конкурентна економија.
Заев се осврна и на ребалансот. Очекува негово усвојување пред 2 август, а владината седница, најави, е закажа за петок.
– Со ребалансот ќе се обидеме да реалоцираме макар денар повеќе од непродуктивното трошење за поддршка на стопанството, плаќање на заостанатите обврски и подобрување на други, нови аспекти како капитални проекти, помош на бизнисот, нови работни места за младите,…, а за тоа ќе ни треба вашата поддршка, рече премиерот.
Во однос на рудниците, потенцира дека ќе се земе предвид гласот на граѓаните искажан на референдум, но добро ќе се проанализираат и сите договори за концесии и експлоатации за да се изнајде најдоброто можно решение кое ќе ги задоволи двете страни.
– Грижата на граѓаните ќе биде задоволена, а секако, и инвестициите ќе продолжат да функционираат. Постојат механизми секаде во светот, меѓу кои и да има граѓани во надзорните одбори кои ќе го следат работењето на рудниците и ќе ја информираат јавноста, истакна Заев.
И вицепремиерот Кочо Анѓушев најпрво подвлече дека во Владата има огромна желба да му се помогне на стопанството, а основните постулати во работењето ќе базираат, рече, на поттикнување извозно ориентирани компании чија основна тенденција е пораст, зголемување на капацитетите и освојување нови пазари.
Анѓушев уште еднаш порача дека странските инвеститори во Македонија се добредојдени, поддршката за нив продолжува, но ќе се прават максимални напори за интензивирање на соработката со домашните фирми.
– Нема да вршиме притисок врз странските инвеститори, туку ќе работиме со домашните компании за да го зголемиме нивниот капацитет и тие да бидат главни партнери на странските инвеститори, рече Анѓушев, напоменувајќи дека сите мерки што важат за странските, ќе важат и за домашните инвеститори.
Вицепремиерот најави и широка дебата за енергетиката со цел, како што истакна, да се направи приоритет на проекти и избор на најодржливите меѓу нив.
Во врска со електричната енергија, нагласи дека ќе се води сметка за граѓаните да има прифатлива цена, согласно стандардот. Но, законот за енергетика мора да се усвои и мора да се оди со подлабока либерализација.
– Притоа, мора да внимаваме да не направиме штета на крајните корисници во домаќинствата. Приказната со цената на струјата тргнува во ЕЛЕМ. Ако се скрати копањето на јаглен и се намалат трошоците во тој дел со купување сопствена механизација, ќе има простор цената на електричната енергија во делот на производството да се намали за 4 – 6 евра по мегават час. Со намалување на оваа цена, со изнаоѓање резерви внатре во системот, либерализацијата може да се направи без притоа да се влијае на крајната цена на електричната енергија, објасни Анѓушев.
На прашање на стопанствениците, Анѓушев информира дека до крајот на јули годинава ќе се исчистат сите предмети што чекаат во министерствата, а во однос на туризмот, рече, има доволно пари од ИПА фондовите кои, за жал, досега најмногу се користеле за консултантски услуги, а не конкретно, за поддршка на секторот.
Одговори даваа и министрите за финансии и за транспорт и врски, Драган Тевдовски и Горан Сугарески, а на работната средба присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– Нашата интенција е да нема никакви кочења во Трезорот со оглед дека еден од проблемите досега беше тоа што Буџетот нереално се проектирал, а потоа имало потреба да се прави кочење што, пак, овозможувало селективност. Ние апсолутно немаме таква намера, сакаме ребалансот да биде поставен на реални претпоставки, на точна проекција на приходите и да нема потреба некој да добива преголема моќ, рече Тевдовски.
Сугаревски најави транспарентност во продажбата на градежното земјиште, а ќе се бараат, нагласи, и дополнителни средства од ЕУ за инфраструктура.
Компаниите-членки на Комората од владиниот тим побараа и образовниот процес да се прилагоди на стопанството, некои професии да се субвенционираат, да се ревидираат трговските мерки, да има субвенции и во туризмот,… Сметаат дека програмите, плановите и активностите на владините институции треба да бидат реални и остварливи.