Во Спомен-домот „Браќа Миладиновци“ во Струга вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на рачно изработен накит од Билјана Тодороска, која ја организира струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“.
Со рачна изработка на накит Тодороска се занимава седум години, а последните четири ја користи техниката сутаж. Во изработката, како што вели, ја инспирира сето она убаво што и се случува секојдневно.
– Најмногу преовладуваат моите емоции и затоа мојата изложба ја нареков „Внатрешен свет“ објаснува авторката Тодороска за изложбата која ќе може да се посети до 15 јули.
„Внатрешен свет“ е нејзина втора самостојна изложба по изложбата „Чекор по чекор“ која во јули минатата година беше отворена во галеријата Робевци во Охрид.