По повод Новата 2013 година, гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, заедно со раководството и претставници од Синдикалната организација при НБРМ, денеска го посети Посебното основно училиште за ученици со посебни образовни потреби со интелектуални и комбинирани пречки во развојот „Иднина“ Скопје, каде што им беа доделени новогодишни пакетчиња на децата од училиштето и на децата од подрачните паралелки во Скопје.
Новогодишни пакетчиња беа доделени и во Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје, која е јавна установа од социјална заштита за дневно и интернатско згрижување, воспитание, образование и здравствена заштита на лица со умерени, тешки и комбинирани пречки во интелектуалниот развој, како и деца без родителска и старателска грижа. Покрај новогодишни пакетчиња, беше доставена и облека што ја донираа вработените од Народната банка во соработка со Синдикалната организација при НБРМ.