Новиот директор на УБК, Горан Николовски, во обраќање до своите колеги преку јавно писмо, порачува дека е свесен нарушената слика за УБК, како и негативната перцепција на јавноста, но ветува градење на нов имиџ на службите кој ќе биде според европски стандард.
– Случаите на непрофесионалност и злоупотреба треба да бидат минато, свесен сум дека пред нас е период на големи предизвици и реформи, кои најнапред ќе значат инвестиција во самите себе, а на тој начин ќе создадеме служба на здрави основи, која ќе биде подготвена да одговори на сите современи безбедносни закани и ризици создавајќи поволен амбиент за просперитет на нашата држава и нашите граѓани, пишува Николовски.
Новиот директор во своето обраќање вели дека е свесен за сериозниот предизвик и напорниот период кој бара сериозна посветеност и висок професионализам на сите припадници.
– Нашиот приоритет треба да биде создавање безбедна држава за нашите граѓани преку почитување на демократските вредности и човековите права, а единствено на тој начин ќе го вратиме угледот на службата како респектиран и сериозен партнер во меѓународната безбедносно разузнавачка заедница, вели Николовски..
Со цел подобрување на Службата, Николовски вели дека е отворен за комуникација и сугестии од своите колеги.