Во рамки на манифестациите посветени на 100 годишнината од раѓањето на академскиот сликар од Битола Борислав Траиковски (1917-1996), во белградската галерија „Куќа Легата“ отворена е изложба на слики поствени во 5 сали на галеријата.
Изложени се 40 дела во техника јаглен на хартија, масло на платно и монолитографии создавани во периодот од 1936 до 1993 година, истакна адвокатот Никола Главинче, внук на Траиковски.
– На свеченото отворање, пред бројна публика свое обраќање имаше директорот на Галеријата „Куќа Легата“, Филип Брусиќ Ренауд, кој истакна дека Борислав Траиковски се вбројува како еден од доајените на македонското современо сликарство, кој со својата индивидуалност припаѓа на современиот експресионистички израз. Познат на српската јавност е како прв Mакедонец кој дипломирал на академијата за ликовна уметност во Белград по ослободувањето во 1951 година, но и како личност кој во целиот свој живот бил поврзан со Битола. Бевме изненадени кога Брусиќ Ренауд ја цитираше изјавата на мојот покоен дедо Траиковски кој во една прилика рекол и запишал дека доколку би се преселил на друго место и не би можел да го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам, посочи Главинче.
Изложбата ќе биде отворена до 9 јули и е организирана од страна на НУ „Куќа на легатите“-Белград и семејството Главинче, а културниот настан е поддржан од општината Битола и НУ Завод и Музеј Битола.
Во рамки на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Борислав Траиковски во соработка со повеќе институции, оваа година ќе биде поставена на спомен плоча на објектот на неговото атеље во Бистрица, монографија за Борисла Траиковски во издание на МНД-Битола, изложби во Битола и Штип, како и отварање на спомен атеље во рамки на НУ Завод и Музеј-Битола, потврди Главинче.