ВМРО-ДПМНЕ го повика вицепремиерот Кочо Анѓушев да спречи Александар Обрадовиќ од Србија да стане директор на ЕЛЕМ.
– Тој како познавач на темата енергетика треба да искаже цврст став и да спречи еден ваков сомнителен лик кој во Србија го поврзуваат со промашени тендери, луксузи и неодговорност да стане директор на столбот на македонскиот енергетски систем. За СДС и за владата на Заев не претставува никаков проблем што мешетар и неуспешен кадар од Србија ќе биде увезен по итна постапка за директор на најбогатата државна фирма ЕЛЕМ, изјави Орце Ѓорѓиевски.
Додаде дека Анѓушев треба да застане на страната на македонската професорска и експертска фела од областа на енергетиката бидејќи, како што рече, именување српски државјанин кој е набркан од раководна функција на Електропривреда на Србија е само девелвација на нивното знаење и искуство.
– Кочо Анѓушев ќе има подеднаква одговорност ккао и неговиот шеф Зоран Заев доколку ЕЛЕМ се претвори во нов бонбона бизнис. Доколку молчи, тогаш и тој ќе биде одговорен за последиците од еден ваков скандалозен потег на владата на Заев. Со молкот на Анѓушев стравот на граѓаните станува се поголем дека именувањето на еден лик од типот на Александар Обрадовиќ има за цел да го доведе ЕЛЕМ до дереџе од кое единствен излез ќе биде приватизацијата. Македонските хидроцентрали и термоелектрани, 4.800 вработени и 98 проценти од домашното производство на струја ќе бидат доведени во прашање, рече Ѓорѓиевски.