Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен остро ги осуди денеска нападите со ракети од типот „скад“ на бунтовничките бази во Сирија.
– Тоа се очајнички акции на режимот кој се наоѓа пред колапс, рече Расмусен на прес-конференција во Брисел.
Реакцијата уследи откако од повеќе извори пристигнаа извештаи дека војската лојална на претседателот Башар ал Асад вчера го гаѓала упориштето на бунтовниците со ракети од среден дострел „скад“.
НАТО порано оваа недела почна по должината на турската граница со Сирија да поставува антиракетни системи „патриот“ во случај граѓанската војна во Сирија, која досега однесе најмалку 40.000 животи, да се прошири на Турција.