Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) соопшти дека со две екипи учествува на МГ Куп, кој се одржува од 26 јуни до утре во Белград. Од осум македонски јуниорски натпреварувачи, на возраст до 16 години, шестмина се враќаат со освоени медали.
Притоа, Андреј Величковски од Куманово, Јосиф Тепеѓозов од Скопје и Благојче Павлески од Прилеп освоија сребрени медали, а Кристина Тасева и Даријан Шекеров од Скопје како и Благојче Овезоски од Прилеп бронзени медали.
Од Здружението информираат дека успехот на овој натпревар е од големо значење за Македонија и за Здружението на информатичарите, затоа што првиот македонски тим на натпреварувањето по информатика се пласираше на третото место во вкупен пласман, веднаш зад два тима од Романија, надминувајќи ги резултатски тимовите од Бугарија, Србија, Русија, Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора. МГ купот е престижен натпревар во информатика, математика и физика на кој годинава учествуваат 30 тимови, односно 120 натпреварувачи од 13 земји од светот.
Учествувајќи на овој натпревар, ЗИМ продолжува со подготвувањето на нашите најдобри ученици во областа на програмирањето, за што подобар успех на претстојните Балканската олимпијада по информатика во Кишињев, Молдавија, на почетокот на јули, Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран, Иран, на почетокот на август и Европската јуниорска олимпијада по информатика во Софија, Бугарија, во септември.
Системот за подготовка за натпреварите креиран од Здружението, mendo.mk е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.