Владата донесе одлуки за надминување на проблемите во претпријатијата во државна сопственост „11 Октомври Еурокомпозит“, каде вработените штрајкуваат поради неисплатени плати, и во МЖ Транспорт ад Скопје чијашто сметка може да биде блокирана поради долгови кон МЕПСО и ЕЛЕМ.
На синоќешната владина седница, е овластен вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, во име на Владата да потпише спогодба помеѓу раководството на Еурокомпозит и претставниците на гранскиот синдикат СЕИР. Со спогодбата секоја од страните ќе биде должна да го реализира својот дел од преземените обврски и претпријатието ќе продолжи со работа, а вработените ќе можат да земат плата.
Со владина одлука исто така се помага сметката на претпријатието Македонски железници АД Скопје да не биде блокирана, за да не останат вработените без плати, поради направените големи долгови на ова претпријатие кон АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО и заканата од присилно извршување. Донесена е одлука да се препорача претпријатието преку одделни средби со двете компании заеднички да ја утврди целата состојба на должничко доверителските односи и да се пристапи кон изнаоѓање спогодбено решение, како и за тоа веднаш да ја известат Владата.
Одлучено е, како што е наведено во соопштението од владината служба за информирање да се препорача на АД МЕПСО да донесе одлука за повлекување на предлогот за присилно извршување на паричното побарување против МЖ Транспорт АД Скопје и за тоа МЕПСО веднаш да ја информира Владата.