Преговорите за решавање на кипарското прашање денеска почнаа со разгледување на гаранциите за безбедност. Тоа е добар старт, изјави специјалниот пратеник на Обединети нации, Еспен Барт Ајде
Тој наведе дека на преговорите во Кран Монтана, Швајцарија покрај лидерите на двете кипарски заедници учествуваат и претставници на трите земји – гарантори: Велика Британија, Грција и Турција, како и претставник на Европската унија во својство на набљудувач.
– Темата за безбедноста има суштествено значење за решавање на проблемот на островот Кипар, кој е поделен повеќе од 40 години, наведе Ајде.
Во Кран Монтана покрај безбедносната тема ќе има и „паралелна преговарачка маса“ на која ќе се разговара за „прашањата меѓу двете заедници“ на Кипар.
Преговорите во Кран Монтана ќе завршат на седми јули, а следните денови предвидено е да присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.