Жител на скопското село Глумово утрово околу 10:00 часот со пиштол извршил убиство на три лица, додека едно лице е рането и е пренесено на лекување на скопските клиники.
Сторителот Ш.С.(48), како што информира МВР, пукал во три лица на улица „Панајот Гиновски“. Од нив две починале, М.С. (33) и А.С. (20), двајцата од село Глумово, додека третото лице, чиј што идентитет се уште е непознат, е рането и е пренесено на болничко лекување. Тој потоа заминал во село Глумово каде што пукал во лицето А.Б.С. (56) од село Глумово, кое исто така починало.
По пукањето сторителот заминал од местото, а при обид да биде приведен од полициски службеници од единицата Алфа, тој извршил самоубиство. При вршење увид покрај него бил пронајден пиштол Астра А-80, кој е подигнат за вештачење.
Сторителот, тројцата убиени и повреденото лице, информира МВР, се членови на едно семејство. Според првичните информации од истрагата причина за немилиот настан се семејни недоразбирања.