Лидерот на либански Хезболах, Саед Хасан Насралах изјави денеска дека евентуална идна војна што би ја почнал Израел против Сирија или Либан може да предизвика ангажирање илјадници борци од држави како Иран, Ирак и Јемен.
Неговата изјава имлицира дека припадници на шиитската милиција поддржани од Иран, а кои моментно го поддржуваат сирискиот претседател Башар Асад, можно е да учествуваат доколку избие евентуален судир со Израел во иднина.
– Израелскиот непријател мора да знае дека доколку покрене израелска војна против Сирија или Либан, не е познато дали судирите ќе останат либанско-израелски или сириско-израелски. Тоа не значи дека постојат држави кои директно би интервенирале, изјави Насралах.
Тој додаде дека тоа би можело да отвори пат на илјадници или стотици илјади борци од целиот арапски и исламски свет да земат учество во војната.
Лидерот на Хезболах повеќепати го предупредува Израел да не го напаѓа Либан каде се наоѓа седиштето на таа паравоена организација и од каде се упатуваат борци за поддршка на Асад, јавуваат британски медиуми.