Грчката престолнина и денеска е речиси целосно блокирана поради штрајкот на вработените во јавниот превоз.
Поради 24-часовниот штрајк на вработените денеска не сообраќаат надземната и подземната железница, метрото и трамвајот, а превоз се одвива само со автобуси и тролејбуси.
Работниците од јавниот сектор во Грција вчера одржаа еднодневен штрајк поради владините мерки за штедење и планираните отпуштања на работници. Нивниот штрајк доведе до застој во јавниот превоз и авио сообраќајот, а со работа вчера престанаа и училиштата и даночните служби.
Овој протест беше организиран од еден од најголемите синдикати во Грција АДЕДИ, во кој членуваат половина милион работници во јавниот сектор, односно една четвртина од вкупниот број на работна сила во земјата.
Невработеноста во Грција достигна 26 отсто, а бројот на сиромашните е се поголем.