Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово вечерва ќе биде отворена изложба на дела од 23-та Интернационална Кичевска ликовна колонија.
Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 65 дела работени во различни техники, акрил на платно, масло на платно, комбинирана техника како и склуптури од метал и од дрво.
– Изложбата е интересна, бидејќи секој уметник приоѓа од свој агол, од своја перспектива при творењето. Една разновидна комбинација на дела ќе биде презентирана пред љубителите на ликовната уметност, изјави, Роберт Цветковски, историчар на уметност и директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
На 23. Интернационална Кичевска ликовна колонија која се одржа лани, од 2 до 16 јули учествувале 23 учесници од 13 држави, Македонија, Израел, Северен Кипар, Индија, Ирак, Албанија, Бугарија, Србија, Германија, Казахстан, Хрватска, Косово, и Турција.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до шести јули, годинава.