Британскиот Парламент денеска започнува со работа по предвремените избори од 8 јуни, со традиционалниот говор на кралицата Елизабета Втора, пред членовите на два парламентарни дома, во кој речиси целосно доминира прашањето на Брегзитот.
Обраќањето на монархот, пред лордовите и народните избраници, потекнува од 16-от век и тоа значи започнување на новата парламентарна сесија, но во денешна современа Велика Британија, говорот на кралицата е излагање кое го составува Владата, а таа само го чита, промовирајќи ја владината програма за следните 12 месеци.
Годинешниот говор на кралицата по многу работи е поинаков од сите претходни, од надворешниот декор, кој првпат е изменет по 1974 година, па до политичките услови во кои се промовира старо-новата Влада на премиерката Тереза Меј.
Овој говор на кралицата, првпат по 1974 година, ќе помине со драстично редуцирани елементи на традиционалната церемонија. Кралицата ќе пристигне во Парламентот со автомобил, а не со кралската кочија, како што е вообичаено. Нема да има кралска процесија до Домот на лордовите, каде кралицата зборува, а таа нема да биде ниту во свечените кралски одори, туку во „цивилна“ облека, како што вообичаено се појавува во јавноста, без круната на главата.
Вакавата промена се објаснува со изместените термини за говорот на кралицата, кој во два наврати беше поместуван поради предвремените избори, резултатите од гласањето и немањето обезбедено подршка за малцинската влада на Меј, како и блискоста со саботната традиционална парада на кралската коњаница.
Годинешниот говор на кралицата се одржува во ситуација на неизвесна судбина на премиерката и нејзината влада, кои зависат од гласовите на десетмината пратеници од северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), за што иако требаше да има договор уште пред десетина денови, се уште не е извесно, кога тој ќе биде постигнат.
Во говорот на кралицата, Владата ќе промовира дел од законте кои се во функција на Брегзит и со кои треба да се регулира излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Тоа се законот со кој се прекинува важноста на европското законодавство и во Вестминстер се враќаат надлежностите што Парламентот, претходно, му ги префрли на Брисел.
Меѓу позначајните „брегзитерски“ закони се и оној со кој Велика Британија се повлекува од Европскиот суд на правдата, како и законите за имиграција, за царинска политика и за аграрот.
Дебатата во Долниот дом, по говорот на кралица почнува попладне, а гласањето е предвидено за идната недела.