Изложба насловена „Мост“ на Сузана Зафирова, со 16 сликарски композиции во комбинација од неколку техники, како и декоративни предмети, ќе биде отворена вечер во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“. Влезот за посетителите е слободен.
Изложените уметнички слики се дел од творечкиот циклус „Заѕиданата невеста“ во кој Зафирова се осврнува на големината на жртвата која произлегува од состојбата на безизлезност. Од денешна перспектива, на саможртва направена во минатото може да се гледа како на инвестиција за добробит во сегашноста.
Покрај 16 уметнички слики на авторката, на изложбата ќе бидат понудени и повеќенаменски декоративни предмети. Предметите се украсени со апстрактни и флорални мотиви во живи бои и експлозивни контрасти и нивната употреба е ограничена само со вашата фантазија.
Сузана Зафирова дипломирала на Академијата за ликовна уметност во Љубљана во 1977 година. Во текот на 15 тематски циклуси има одржано над 40 самостојни изложби во земјите во регионот.