Тајни документи откриваат: Зошто Израел тргна во војна во 1967 година

Од:

Ал Џезира – Доха

Кабинетот за воена цензура во Израел, кој делува во рамки на воената разузнавачка служба, на израелскиот Национален архив му дозволи да открие околу 150.000 документи кои се однесуваат на разговори на израелски функционери за политичките и безбедносните прашања пред и по војната во 1967 година.

Според документите, од кои е симната ознаката за тајност, израелската војска била подготвена за војна во мај во 1967 година, со тоа дека се уште не постоеле одлуки за окупација на Западниот брег, Појасот Газа, Источен Ерусалим, Голанската Висорамнина и Синајскиот Полуостров.

Напредокот кој е остварен во текот на наведената војна, со окупацијата на новите палестински и арапски територии, израелскиот воен врв го припишува на „развојот на состојбата на теренот и слабеењето на арапската војска и нејзиното повлекување”.

Овие документи ја отсликуваат состојбата на стравот и загриженоста во која живеело израелското општество, што го потврдуваат и зборовите на тогашниот премиер Леви Ешкол.

Поттикнат од тоа, воениот врв одлучил да ја реши состојбата со превентивна војна, додека арапските држави и египетскиот претседател Гамал Абдел Насер биле зафатени со војната во Јемен. Се очекувало војната да му помогне на Израел да оствари воени успеси кои подразбираат окупација на нови територии. Тие територии би останале предмет на преговори и договори во кое било решавање на арапско-израелски судир во иднина.

Заплашувања

Документите откриваат дека израелското воено раководство ја драматизирало состојбата, зборувајќи за опасност која се заканува по опстанокот на еврејската држава по 19 години палестинската Накбе. Кога бројни египетски копнени сили го поминале Суецкиот Канал и се стационирале на Синајскиот Полуостров, министерот за одбрана Моше Дајан пред самата војна изнел предвидувања дека египетската војска ќе успее да го окупира југот на Израел. Тоа ја навело владата на Ешкол да нареди на израелската војска да стапи во полна борбена готвност.

Првиот ден од војната, Дајан предупредил на можност египетската војска да дојде до периферијата на Тел Авив, а предвидувал и дека јорданската војска ќе го заземе Западен Ерусалим.

Исто така. зборувал како чети на египетската војска ќе влезат во Тел Авив и ќе убијат илјадници Израелци, што ги навело политичките актери да ја прифатат загриженоста на военото раководство и да ги интензивираат копнените борби на двата фронта на Синај и Јордан.

Прикривани биле и проценките на израелските разузнавачки служби за ризиците во случај египетското воздухопловство да ги уништи израелските нуклеарни реактори.

Документите откриваат дека египетските авиони во почетокот на мај 1967 година прелетале над израелскиот нуклеарен реактор Димона, што го навело Тел Авив да почне воени операции на два фронта, во Јордан и во Сирија, за да ја испитаат својата способност за големо воено делување и да ја тестираат подготвеноста на арапските земји за војна.

За да се потврди подготвеноста на војската и нејзината способност да ја заврши војната и да однесе победа на три фронта, на 2 јуни само три дена пред избивањето на војната, се одржале седници на Владата на кои учествувало и военото раководство.

Тогашниот началник на Генералштабот Јицак Рабин ја потврдил подготвеноста на израелската војска да го заземе Дамаск, додека Ариел Шарон, командант на оклопна дивизија во тоа време, ја повикал Владата да почне војна, потенцирајќи ја подготвеноста на војската да ги уништи арапските сили на бојното поле.

Ако Израел не започне напад, изјавил тогаш Јицак Рабин, „тоа ќе биде голема опасност за постоењето на Израел. Војната тогаш ќе биде тешка и болна и ќе генерира двојно поголеми загуби”.

Воена цензура

Воената цензура забрани десетици протокли и записници од седниците. Се уште се сметаат за тајни илјадници документи кои се однесуваат на воените злосторства на израелската војска на сите три фронта, потоа за кршење на човековите права, протерување на околу 400.000 Египќани и Сиријци, како и за неетично однесување кон арапските заробеници, цивили и војници.

Со цензурата се кријат податоци за тоа дали израелската војска или израелското раководство издавале наредби за вршење на овие злосторства.

Јаков Лазовик, шеф на израелската служба за архивот, потенцира дека „првпат по 50 години може да се следи динамиката на Владата кога станува збор за Шестдневната војна, како и тоа какви биле прелиминарните ставови на министрите во поглед на иднината на окупираните палестински територии”.

Прикривањето на овие документи се припишува на „стравот дека ширењето на тие информации може да оди на штета на безбедноста на земјата и нејзините надворешни односи”.

„Алтернативна татковина”

Откако војната се смирила на 15 јуни, потесниот кабинет на израелската Влада истражувал различни опции за окупираните територии. Според документите, Владата се одлучила да покаже подготвеност да преговара за земјата која ја окупирала на Синај и Голан, но дека се воздржува од преговори за иднината на територијата на Западниот Брег и Источен Ерусалим со цел да ги задржи под израелски суверенитет.

Изнесена е идејата за алтернативна татковина за Палестинците и можност за нивно префрлување на територијата на Ирак. Ешкол тогаш рекол: „Ако е до нас, ние би ги пратиле Арапите во Бразил”.

Тогашниот министер за надворешни работи Аба Ебан предупредил на „буре барут” и ја појаснил опасноста на окупацијата која ја спроведува Израел над Западниот Брег и Појасот Газа.

Ебан во говорот кој го објавиле израелските медиуи вели: „Имаме два народа – едниот ужива цеосни граѓански права, а другиот е лишен од сите права”.

Тој додал дека „тешко е да се застане во одбрана на ваква програма за два слоја на населението, дури и во рамки на еврејската историја. Светот ќе го поддржи движењето на отпорот кој го водат 1,5 милиони Палестинци под окупација”.

Министерот за правда Јаков Шапира рекол: „Тие се жители на таа земја која ние сега ја контролираме, не постои причина за протерување на Арапите и нивно преместување во Ирак”.

Зборовите на Ешкол не го разубедиле и одговорил: „Ние не сме дојденци тука, рековме дека земјата на Израел е наше право”.

Овие документи покажуваат дека растел моралот на израелската влада во текот на војната, од страв до радост по уништување на египетските воени сили и израелскиот напредок на сирискиот и јорданскиот фронт.

Министерот за надворешни работи Аба Ебан на 14 јуни рекол пред израелската влада: „Историјата на човештвото не видела нешто слично како успехот кој го постигна јавната дипломатија на Израел во последниот месец. Израел се шири и шири, а светот ракоплеска”.

Би можело да ве интересира

Американски претставници на средба со Нетанјаху: Примирјето со Хезболах мора да ја гарантира безбедноста на Израел

А1он

ВИДЕО: Најсмртоносен напад на Хезболах на Израел, убиени петмина

Катерина Ѓуровски

Израел мора веднаш да се справи со „катастрофалната хуманитарна ситуација“ во Газа

Новиот шеф на Хезболах: Напуштете ја нашата земја, ако останете ќе платите

Најмалку 19 загинати Палестинци во новиот израелски напад на Газа

Хезболах тврди: Нетанјаху е исплашен бидејќи е наша мета

Горан Наумовски